|
Интервју со Глигор Делев
-Интервјуто и фотографиите се добиени од Јован Попоски
Д-р Глигор Делев минатата година се искачи, и го развеа македонското знаме на Монт Еверест (8848 м.), највисокиот врв на светот.
Работи и живее во Канада повеќе од триесет години.
Во Канада, заедно со своите родители, оди на 9-годишна возраст.
Македонија ја напушта како 2-годишно дете и до одењето во Канада живее во повеќе места низ тогашна Југославија.
Господине Делев, деновиве патувате за Македонија да го примате одликувањето „Орден за заслуги за Македонија“ што ви е доделен од Претседателот Бранко Црвенковски, како ја примивте веста за одликувањето, дали се израдувавте, изненадивте?
За мене одликувањето е голема чест и сатисфакција. Кога се качував на Мт. Еверест во моите мисли цело време беа членовите на моето семејство и Македонија. На врвот го соблеков заштитното одело за да ја облечам маицата со македонското знаме за да направам фотографии. Временските услови навистина беа доста добри, но сепак тоа е височина од скоро 9000 м. со температура доста под нулата. Бев радосен што се искачив и не мислев на ниската температура, не мислев на никакви признанија или одликувања, ми беше единствено важно дека стоев на врвот и дека стоев горе како Македонец.
За одликувањето знам уште од минатото лето кога бев на кус престој во Македонија и кога бев на прием кај Претседателот Бранко Црвенковски. Се разбира длабоко се заблагодарив за одлуката на Претседателот но исто така му реков дека ми е доста непријатно што сум одликуван пред другиот, односно првиот Македонец што се искачи на Монт Еверест, Димитар Илиевски-Мурато, во 1989 год., како член на МАХЕ - Еверест’89 (Македонска алпинистичка хималајска експедиција - Еверест’89). Сега кога дознав дека и Димитар Илиевски е одликуван мојата радост е целосна.
Како стигнавте до Еверест, дали како член на некоја планинарска или алпинистичка асоцијација?
Не, мојот пат до Еверест го планирав, спонзорирав, го одев, сосема сам со помош и подршка од моето семејство.
Почнав со искачуванје на повеке врвови од 5-6000 м. во Јужна Америка (на некои врвови заедно со жена ми, ќерка ми и син ми). Потоа, во вториот обид (првиот пат не успеав поради лоши временски услови) се искачив на Денали (Алјаска) - највисокиот врв на Северна Америка. Се искачив и на Аконкагва - највисокиот врв на Јужна Америка, а во Непал го искачив Ама Даблам (6900 м.), инаку познат како “Азиски Матерхорн”. Иако качувањето на Ама Даблам е навистина алпинистичко јас знам дека не сум и не се сметам за алпинист. Јас се чувствувам како “авантурист”. Лани во Македонија мои пријатели, алпинисти, (за нив е сигурно јасно дека не сум алпинист) ми рекоа дека јас сум повеќе од авантурист бидејки зад себе веке имам повеке успешни експедиции - ми рекоа дека сум “експедиционист”.
Дали на вашите експедиции сте имале некои особено значајни, интересни, тешки моменти на кои се сеќавате?
Како што вели народот “секоја планина своја тежина”.
Во овој случај во буквален смисол секоја планина си имаше свои тежини и комплицираности.
На пример, Денали е доста далеку од последната точка до која се доаѓа со транспорт. Од таму се треба да се носи на “грб” 55 кг (фактички половина се носи на грб, а половина се влече на санка). Значи логистиката за овој врв е многу битна - ако носите премногу претешки сте и напредувате многу споро и целата експедиција може да пропадне или од премореност или од задоцнување за најдобрите временски услови. Ако не сте понеле доволно храна, опрема, пак може да пропадне потфатот - ќе мора да се враќате назад пред да стигнете на целта.
Ама Даблам е комплицирана - алпинистичка планина, треба да знаете алпинистичка техника за карпа, за снег, за мраз, да сте многу добро спремни. По целиот успон има фиксирани јажиња бидејќи цело време е многу стрмно и експонирано. Толку е стрмно што за поставување на шатори на вториот висински логор нема доволно место (има место само за два-три), па ние моравме директно да качуваме од првиот до третиот висински логор бидејќи местото веќе беше зафатено со шатори од други експедиции.
На Еверест се е комплицирано, пред се дали ќе се аклиматизирате како што треба и дали ке бидат добри временските услови.
Како се решивте да одите на експедиција за Монт Еверест и со која експедиција отидовте на највисокиот врв на светот?
На некој начин моето одење на Еверест бесе “исфорсирано” од случајности. Јас сакав да одам на Еверест но немав испланирано кога.
Се случи, сега мојот драг пријател, Боге, од Скопје, да напише напис за мене во неговата планинарска веб-страна. Тој напис го прочитал алпинистот, сега исто мој драг пријател, Надир, од Базел (Швајцарија), и искоментирал дека јас сум бил спремен за Еверест. Тој коментер дојде до мене. Мојата прва реакција беше - НЕ. Но, кога помислив, си реков: зошто не? И така почна се да се одврзува, пак со помош на Надир и Боге стапив во контакт со Драган Јакимович кој подготвуваше Српска експедиција на Еверест. Се договоривме колку треба да платам и така станав член на таа експедиција.
Како бевте прифатени од другите членови и како се снајдовте вие во таа експедиција?
Мислам дека луѓето добро ме прифатија а и јас се чувствував пријатно со нив бидејки менталитетот на тие луѓе ми одговара и ми е познат од детски денови кога татко ми, како доктор, работеше во неколку места од тогашна Југославија.
На што намногу се сеќавате од експедицијата и дали имавте некои тешки или драматични моменти?
Се разбира моментите на врвот ќе ми останат во секавање за секогаш. Сепак тоа е единствена точка на нашава планета - а јас стоев токму таму. Се прашував: дали можеби ова не е само сон и се плашев дека во следниот момент ќе се разбудам и се ке исчезне.
Времето беше убаво што ни овозможи да останеме скоро еден саат на врвот. Воздухот е разреден, тешко се дише но затоа далеку се гледа, погледот од горе стигнува најдалеку - многу јасно се гледа и закривеноста на земјината топка. Горе бевме скоро сите членови на експедицијата, си честитавме, се фотографиравме, се радувавме ... Времето како да застана, мислите одеа насекаде - кон најмилите, одеа назад - до секој чекор што претходеше на тој момент, одеа напред заедно со моменталната радост што сакав да ја поделам со најблиските - до скората средба со нив, до средбата со секојдневието, обврските ... и ... требаше да се тргне назад!
Е, на враќање го имав најдраматичниот момент, иако до врвот и на врвот се чувствував одлично, на враќање почнав да чувствувам замор.
Не е непознато после искачување на Еверест да се чувствува замор но мислам дека тоа што мене ми се случуваше беше последица на неколку неповолни случки при искачувањето нагоре. Прво кога стигнавме на првиот висински логор бевме непријатно изненадени кога видовме дека сите три наши сатори се затрупани и уништени од снег. Се сместивме во еден празен шатор од друга експедиција. Шаторот беше поголем но сепак премал за сите нас девет души. Во таа гужва требаше да се топи снег да се прави чај, и други пијалоци, нешто храна, и да се спие. Немавме доволно течности, немаше доволно спиење - одмор.
Во вториот логор, примусот не работеше па морав да чекам другите да завршат со нивниот па да ми го дадат. После следуваше долго, долго топење снег подготвување на пијалоци и пак без одмор ... тука се откажа Симо - од премореност немозеше да продолжи нагоре.
На врвот уште една случка - еден Шерпас немаше вода па јас му го дадов моето шише вода.
Ете тие работи направија на спуштање надолу, кога се приближував кон вториот висински логор, да ми се случува на моменти да имам слаби халуцинации. Кога стигнав во вториот логор не можев да си го најдам шаторот, и за срека еден шатор беше празен па влегов и преспав таму. Ноќта и утрото беа претешки, немав капка течност - бев прежеден (се знае дека горе треба да се пие 3-4 литри течност на ден).
За среќа надолу се спуштав доста добро и на првиот висински логор група Шерпаси ми дадоа да се напијам чај. После тоа немаше повеќе проблеми.
Како беше примена веста за вашето искачување на Монт Еверест?
Знам дека веста стигна и во Македонија но прво бев сведок на радоста на моите дома и се разбира пријателите во Канада. Сите се радуваа и ми честитаа но тоа ми личеше како и после претходните искачувања. Вистинска разлика и големина доживеав кога летоска дојдов во Македонија. Весниците и телевизиите, ми кажаа моите во Македонија, веќе имаа објавено повеќе пати (Мицковиќ цело време го следеше со написи мојот пат до врвот и назад како и доаѓањето во Македонија) но сепак не очекував толку многу внимание, честитки и признанија од сите луѓе што ги сретнав. Прво бев на прием во МОК каде ми беше доделено признание.
Хронолошки потоа се редеа средби со планинари, со алпинисти, проекција во “Скопски мерак”, средби со новинари, интервјуа, прием кај Премиерот Никола Груевски, проекција во Тетово, прием во музајот “Мајка Тереза”, прием во ФСМ од каде ме поканија да бидам почесен гостин на меѓународна утакмица на Македонија, прием кај Претседателот Бранко Црвенковски, прием во Планинарскиот сојуз, средба со Македонската алпинистицка асоцијација, проекција за Скопје, посета на Битола со средба со семејството на Димират Илиевски - Мурато, емисија за телевизија Битола, посета во Охрид и емисија за телевизија Охрид, прием кај Сојузот на филателистите со промоција на пригоден плик со фотографии од Димитар Илиевки и мене. Навистина немам зборови колку добро бев прифатем во Македонија. Жалев што со мене не беа жена ми, ќерка ми и син ми. Затоа сега доаѓаме сите заедно.
Кажете ни нешто за нив.
Ќерка ми Наташа има 20 години а син ми Слободан 17. Слободан е многу горд Македонец иако мајка му, жена ми Берта, е Мексиканка.
Тие ми се смисол во животот и моја голема поткрепа за моите акции.
Експедициите ме одделуваат од нив за доста долги периоди по месец-два и повеќе и прават многу да си недостасуваме. Затоа после Еверест им ветив дека нема повеке да одам на експедиции - барем за извесно време (да не чуе жена ми). Сите заедно многу се радуваме што, за некој ден, ќе дојдеме во Македонија.
Што ви остави Мт. Еверест?
Мт. Еверест ме приближи до Македонија.
Без Еверест, не би имал такви добри пријатели како Боге, Надир, Мицковиќ, Драган Јакимовиќ, Јонче - синот на Димитар Илиевски - Мурато, Ѓоката од Битола, луѓето од МОК, алпинистот Коки, алпинистите Јован, Пајо, Роко со кои станавме многу добри пријатели, Др. Сашко Кедев, Стево од филателистичкиот сојуз, Љупчо од “Скопски мерак”, Ѓоко од врв Водно, Столе од “Наџак”, Боби од “Фото Лајка”, како и многу, многу други.
Отсекогаш сум мислел дека сите Македонци заедно можеме многу да постигнеме и направиме, дружењето со овие луѓе направи и да почувствувам дека навистина можеме. Ако на крај ме прашате дали имам некоја порака за вашите читатели, тоа би било мојата порака - сите заедно можеме многу да направиме и да ги пребродиме најтешките ситуации и периоди. Кога за некој ден Претседателот Бранко Црвенковски ќе ме одликува ќе се обидам со овие зборови да му заблагодарам. |