Share

Алисон Харгривс (1962-1995)

- 17.02.2010г.

На денешен ден во 1962 година во Англија, родена е една од најдобрите алпинисти во светот – Алисон Харгривс. Во 1993 година стана првиот алпинист кој се искачил на 6-те класични северни страни во Алпите во една сезона - соло: Ајгер (насоката од 1938-ма година), Гранд Жораз (Волкеровиот гребен), Матерхорн (насоката на браќата Шмид), Дру (стандардната насока на северната страна), Пиц Бадиле (насоката на Касин) и Чима Гранде (насоката Хасе-Брандлер)... На 33-годишна возраст, во 1995-тата година се искачи и на Еверест и К2 - сама и без дополнителен кислород...

Младост-лудост

Првиот контакт со природата го имала уште на 6-годишна возраст, а на 9-години со своите родители правела искачување на Бен Невис. Планината е највисока во Британија и позната по брзото менување на временските услови. Татко и се присетува „Одеднаш се стрча нагоре пред нас и исчезна. Се загриживме, но по некое време ја видовме како среќно си седи и не чека 100-тина метри повисоко...“

Првите искачувања на карпа ги прави на 13-годишна возраст, а веќе една година потоа почнува да ги искачува насоките во сите локалитети на островот.

На 18-годишна возраст се мажи со Џим Балард кој исто така бил качувач и кај кого нашла големо разбирање и подршка за неуморниот ентузијазам за качување. Работните обврски им биле поврзани со водење на сопствен бизнис – продавница за планинарска опрема, а во слободноте време – качувале. Во 1988 година успешно се искачува по северната страна на Ајгер – во шестиот месец на бременост (со нивното прво дете Том, а со Џим имаат и ќерка – Кејти). Секако тоа ја става на удар на силни критики, меѓутоа во сосема безгрижен стил следува нејзиниот одговор: „Бев трудна, а не болна.“

Во 1993 година со сопругот и децата го продаваат својот дом во Англија и се преселуваат во Швајцарија – ако тоа така може да се нарече живењето во автомобил со цел постојано качување во Алпите. Постојаниот тренинг и овозможува да го направи сериозниот потфат спомнат на почетокот на текстот. Силни соло искачувања кои конечно овозможуваат соработка со спонзори (до тој момент сите искачувања се финансирани од семејниот буџет) кои и овозможуваат покомотен живот со семејството, но и услови за заминување и во најголемите масиви.

Хималаи

Две години по 6-те солирања, Алисон стана првата жена алпинист која се искачи без употреба на дополнителен кислород и сама на Еверест – на 13-ти Мај 1995. Тоа претходно му имаше успеано само на Меснер во 1980-тата година. Првиот обид на Еверест инаку го имала една година претходно (1994г.) откажувајќи се на околу 500 метри под врвот поради опасност од смрзнотини...

Набрзо потоа решава во ист стил да се искачи и на К2 во Пакистан. По некое време поминато во нервози во базниот камп поради лоши временски услови, сепак на 13-ти Август 1995 година, во убави и чисти временски услови стигнува на врвот. За жал следува трагедија. При симнувањето временските услови се променуваат и во невремето со ветрови од околу 200 километри на час таа загинува, а телото никогаш не и е најдено...

Со својата силна посветеност Алисон стана голема инспирација за сите алпинисти. Уште еден нејзин познат цитат: „Подобро еден ден како тигар отколку илјада дена како овца“

Критиките за нејзиниот силен пристап во алпинизмот и покрај тоа што била мајка на две мали деца не стивнуваат ни денес. Сепак нешто што е најважно во сите тие расправии околу тоа дали треба или не треба да се напаѓаат жените алпинисти – мајки во споредба со тоа како не се напаѓаат на иста тема мажите алпинисти – татковци, нешто што е најважно се зборовите на нејзината ќерка Кејти: „Мојата мајка го правеше тоа што го сакаше. Многу ми е мило за тоа.“ Нејзиниот син Том пак, кој уште не роден „го искачи“ Ајгер – се подготвува да го повтори тоа искуство...

 

Copyright © Alpinizam.org