Златен цепин Азија
-06.01.2012г
Во 2006-та година во Сеул се одржа првото издание на „Златен цепин Азија“, манифестација која пред сé требаше да го промовира вистинскиот алпинизам „од истокот“. Слично на „Златниот Цепин“ и овој азиски модел е настан кој го прославува „етичкиот алпинизам“, искачувања со интегритет и иновативни насоки – искачени од алпинисти од Азија.
Од тогаш традиционално оваа манифестација се одржува при крајот на секоја година, одбележувајќи ги најзабележителните искачувања за таа година. Ви ги претставуваме досегашните добитници:
Започнуваме со 2006-та. Добитници на признанието таа година, беа казахстанските алпинисти Денис Урубко и Сергеј Самоилов, за нивната нова насока по северо-источната страна на Манаслу (8163м). Насоката е со неколку карпести должини со тежини 5b/6а, но најмногу терен со мраз со стрмнини до 75 степени, качувана е од 4-ти мај до 8-ми мај, по што двајцата се вратиле во базниот камп на 9-ти мај... Тоа беше нивно второ искачување на Манаслу таа сезона, откако на 25-ти април се искачија до врвот по нормалната насока.
Други номинации за ова признание таа година беа други два тима: јапонските алпинисти Кацутака Јокојама и Фумитака Ичимура за нивната нова насока „Пред зори“ (1000м, 5-5.9, WI4, M6) на аб (2760м) во Алјаска и корејските алпинисти Гу Еун-Сун и Ју Санг-Беом за нивната нова насока на северната страна на Талај Сагар (6904м) во индиските Хималаи.
Во 2007-ма година номинирани беа четири тима, од кои три за искачувања на планини повисоки од 8000м. Тоа беа искачувањата на јужната страна на Лотце Шар (8400м) од корејска експедиција (по делумно нова насока – варијанта на Чешкословачката насока од 1984-та година), првото целосно искачување на јужната страна на Лотце во зимски услови од јапонска експедиција (коja стигна на 40-тина метри под врвот), искачување на северната страна на К2 од казахстански алпинисти (Урубко/Самоилов) кое беше повторување на Јапонската насока на оваа планина по 11 години и едно искачување на пониска планина: корејските алпинисти Сим Кванг Сик, Канг Јонг Сун и Јо Мин Су за нова насока на западната страна на Гармуш (6244м) во Хинду Куш во Пакистан .
Добитник на признанието беше последниот тим и основна причина за тоа можеби чудно решение на жирито, со оглед на звучната конкуренција е дека нивното искачување било целосно направено во алпинистички стил.
Третиот „Златен Цепин Азија“ (во 2008-ма година) им беше доделен на јапонските алпинисти Фумитака Ичимура, Јусуке Сато и Казуки Амано за нивната нова насока на северната страна на Каланк (6931м) во Гарвал Хималаите во Индија. Насоката е висока 1800м и е со тежини до М5. Други номинации беа искачувањето на врвот Осум алпинистки (6110м) од Денис Урубко и Борис Дедешко и искачувањето на северната страна на Меру Пик (6660) од корејска експедиција.
Во 2009-та Денис Урубко беше добитник по втор пат на ова признание. И повторно за искачување на планина повисока од 8000 метри: Чо Оју (8201м) - во алпинистички стил по нова насока на југоисточната страна заедно со Борис Дедешко.
Следната година (2010-та) добитници на признанието „Златен Цепин Азија“ беа јапонските алпинисти Јасуши Окада и Кацутаке Јокојама за нивната нова насока по неискачената југо-источна страна на Монт Логан (5900м) во Канада. Нивната насока „И-ТО“ е долга 2500 метри и е со тежини до ED, WI5, M6.
Последниот „Златен Цепин Азија“ се одржа во ноември минатата година. Добитници на признанието тогаш беа Денис Урубко (по трет пат добитник на ова признание) и Генади Дуров за нивната нова насока на Пик Победа (7439м). Искачувањето се случи во средината на август, траеше три дена, ја има најголемата техничка тежина по руската скала, а Денис изјави дека сонувал за оваа насока од 1993-та година... За аклиматизација патем тој заедно со Дедешко искачија и нова насока на Пик Прежевалского (6240м)... |