Share

Златен Цепин за 2010 година

-18.04.2011г., Игор Т.

Два тима се добитници на ова признание: истражувачкиот тим на белгиски качувачи Николас и Оливер Фаврес и Шон Вилануева заедно со американскиот качувач Бен Дито кои искачија девет нови насоки во Гренланд (потсетете се овде>>>>) и Јапонците Кацутока Јокојама и Јасуши Окада за нивната нова насока по југоисточната страна на Монт Логан (5959м) во Канада.

Додека признанието кон јапонските качувачи е „чиста“ работа со оглед на тоа што тие „фино лепо“ си искачија планина, жирито водено од австралискиот качувач Грег Чајлд се зборува дека е малку нападнато во однос на оддавањето на признанието на другиот тим со оглед на тоа што тие всушност не искачиле некој врв или планина туку качувале само карпа. Грег на тоа одговорил: „Експедицијата на Гренланд не е тип на искачување кое вообичаено добива вакви награди, но сепак фактот што тимот ги направил тие искачувања без да кова или буши клинови е избор на стил на качување кој треба да биде признаен како пример за тоа што сé е можно во истражувачките експедиции во големи карпи.“

Организаторот Кристијан Тромсдорф во однос на церемонијата исто така додал дека Златниот цепин не е натпревар, туку манифестација на препознавање на алпинизмот. Тој рекол дека се надева дека тој настан кај младите качувачи ќе создаде примери како треба силно да се зачува етиката, но и духот на алпинизмот.

Другите номинирани искачувања беа:
-Британците Малколм Бас и Пол Фиг за нивната нова насока на Васуки во Индија,
-Американецот Колин Хејли и Норвежанецот Бјорн Еивинд-Артун за нивната нова насока на Монт Форакер на Алјаска,
-Французите Матју Детри, Матју Менади, Себастијан Рател и Макс Белви за нивната нова насока во масивот Лунаг во Непал и
-Американецот Кајл Демпстер и Шкотланѓанецот Брус Норманд за нивното прво искачување на источната страна на Монт Едгар во Кина.

Од претходно

-28.02.2011г., Игор Т.

Дефинитивно реакциите на некои алпинисти (Стив Хаус, Винс Андерсон, Марко Презељ...) во изминатите години во однос на тоа што треба да претставува „Златниот цепин“ и во кој правец треба да оди оваа манифестација - вродија со плод. Тоа се забележа уште минатата година... Без повеќе историја (можеби подоцна) - да поминам директно на главното: почна одбројувањето за „Златниот цепин за 2010 година“.

Искачувања и номинации
Во моментов се разгледуваат 53 искачувања на планини во 20 земји во светот - направени минатата година од 1-ви Јануари до 31-ви Декември. Жирито од нив ќе дефинира 6 номинации кои ќе се претстават за време на главната манифестација која ќе се одржи во периодот 13-16 Април во алпските градови Курмаер и Шамони... Тоа што во моментов се знае е добитникот на овогодинешната „Награда за животно дело“. Таа ќе му припадне на англискиот алпинист Даг Скот.

Жири на „Златен цепин за 2010г.“
Грег Чајлд  (Австралија, алпинист) – Претседател на жирито
Енрико Росо (Италија, алпинист)
Јаник Грациани (Франција, алпинист)
Симон Антаматен (Швајцарија, алпинист)
Михаел Паус (Германија, новинар)
Хироши Хагивара (Јапонија, новинар)

Тоа што е најважно:

Духот на модерниот алпинизам
„Златниот цепин“ е повеќе од само признание за постигнатото искачување и тоа е прослававување на пасијата, духот и вредностите...
Стилот треба да биде поважен од освојувањето на целта. Успехот повеќе не лежи во тоа да се дојде до врвот по секоја цена и со употреба на сите можни финансиски и технички средства (кислород, фиксни јажиња, допинг суплементи...) или со големи човечки ресурси (висински носачи...)...
„Златниот цепин“ ја охрабрува имагинацијата во потрагата по иновативни насоки со употреба на оптимум финансии, користење на искуството и почитување на човекот и природата...
„Златниот цепин“ е настан кој го просавува етичкиот алпинизам – богат со емоции...

Критериуми (кои треба да ги исполнат искачувањата за да воопшто бидат разгледувани дали заслужуваат да бидат номинирани):
-Стилот на искачувањето.
-Истражувачки дух: оригинална (претходно неискачена) насока и/или планина со креативен и иновативен пристап.
-Ниво на посветеност и самостојност.
-Високо ниво на техничка тежина.
-Соодветност на насоката во однос на објективните опасности.
-Ефикасно и штедливо користење на ресурсите.
-Транспарентност при користењето на ресурсите.
-Почит кон луѓето, партнерите, членовите на други тимови, носачи и локални агенции.
-Почит кон животната околина.
-Почит за следните генерации на алпинисти – да им се остави можност и тие да ги доживеат истите искуства и авантури.

 
Copyright © Alpinizam.org