Вообичаено, качувачите на сидриште директно се наврзуваат користејќи го јажето (н.з. со лагерски чвор на пример). Сепак, денес сé повеќе качувачи користат гуртни специјално наменети за усидрување, како и за поставување или вадење на системот за „топ роуп“ или усидрување при абзелување по насока со повеќе должини. Кога се користат правилно, овие системи можат да бидат многу безбедни и силни, но кога не се користат правилно, тие може да се причина за фатални несреќи.
Инцидентот кој се случи во 2007-мата година на Гранд Капусен во Франција, е пример за таа опасност: качувач паднал помалку од 60-тина сантиметри на Dyneema гуртна со која бил поврзан за сидриштето и силата на ударот при тоа, била причина гуртната да се скине и качувачот при падот загинал. Сите знаеме дека секогаш постои можност некоја полица да се одрони, качувачот да се лизне – и резултат на тоа е динамички удар на сидриштето.
Во минатото сите замки и гуртни се правеа од најлон. Тој материјал се истегнува и ја апсорбира енергијата. Посилните материјали како Spectra-та и Dyneema-та кои се користат денес, навистина се полесни, но ја немаат таа способност преку растегнување да ја апсорбираат енергијата. Кога се користат во системи каде има други елементи кои ја апсорбираат енергијата – како на пример комплети низ кои поминува динамичкото јаже, овие материјали се одлични. Но, кога се користат во системи во кои нема други елементи кои би ја апсорбирале енергијата, секој динамичен настан би резултирал со екстремно високи ударни сили.
Тестовите во кои се испитуваат падовите ја покажуваат опасноста:
Компанијата ДММ од Велс, правеше тестови со гуртни од Dyneema и најлон, користејќи тежина од 80 килограми во два случаи: при фактор на пад 1 (пад од 120см на гуртна со должина од 120см) и фактор на пад 2 (пад од 240см на гуртна со должина од 120см). Дури и кога гуртната од Dyneema не се скина, ударната сила (18-22kN) која би се пренела на качувачот, сигурно би резултирала со сериозна или фатална повреда.
Од „Опрема за спасување“ исто така тестираа разни сидришни системи и гуртни користејќи тежини од 80 и 100 килограми. Верижните гуртни (н.з. – наш превод на т.н. „daiѕy chain“) направени од материјалот Spectra, почнале да се кинат при фактор на пад 0.25 (во случај кога тежина од 100 килограми паѓа 23см на верижна гуртна со должина од 92см). При фактор на пад 0.5 пак (при пад од 46см на гуртна од 92см) – скоро секоја верижна гуртна се кинела.
Да ги разгледаме сидришните системи кои најчесто се користат денес:
Верижни гуртни
Овие гуртни се алатки за техничко качување. Тие се наменети за поврзување на појасот со скаличките или алатките за извлекување (н.з. јумари и слични), но денес често и неправилно – се користат за усидрување. Верижните гуртни не треба да се користат за поврзување на сидриштето од две многу важни причини. Првото сценарио е можноста од качувачот при динамичко оптоварување на системот (гуртната), да предизвика голема ударна сила која би можела да ја скине гуртната, да го откорне сидриштето или да го повреди качувачот. Второто сценарио е можноста многу лесно, верижната гуртна да биде прикопчана на таков начин низ поединечните алки – да качувачот биде „обезбеден“ на алка која може да издржи само статичко оптоварување. Видеото направено од компанијата Black Diamond ја илустрира опасноста од овој случај:
Сидришни гуртни
Неколку компании произведуваат специјално дизајнирани гуртни кои ја надминуваат клучната слабост на верижните гуртни: можноста за неправилно прикопчување на алките. Сепак повеќето се произведуваат од Spectra или Dyneema и ниту една не е наменета да апсорбира голема енергија и да издржи динамички удари. При тестовите на пад на „Опрема за спасување“, една од овие гуртни издржа фактор на пад 1 при пад на тежина од 100кг, но силата која се создаде при тоа беше 19kN! Фактор на пад 1 може да се создаде кога би паднале од висина - кога вашата половина е на иста висина со сидирштето, а при тоа воопшто не сте затегнати.
Пример за сидришна верижна гуртна:
Препораки Ако користите било кој од овие системи, треба да бидете свесни за ризиците и да знаете како да ги минимизирате. Освен верижните гуртни, кои никогаш не биле дизјнирани да се користат за усидрувања, сидришните гуртни се безбедни, но само ако не се ставаат во ситуација кога би можеле да се случат динамички оптоварувања. На сидриште бидете секогаш добро затегнати. Дури и краток пад на сидришна гуртна, посебно ако таа е направена од Spectra или Dyneema, може да генерира огромни сили.
Сум увидел дека не секогаш е практично да сте затегнати на сидриштето. Во последно време го користам Парсел прусикот (н.з. слика десно -наскоро ќе го претставиме), кој се користи на замка и кој може одлично да се прилагодува и има одличен потенцијал за апсорбирање на енергијата. Тој е малку потежок и „помасивен“ од верижните гуртни, но лесно се врзува од замка од 6мм, нема да пролизга при затегнување и ќе се избегнат екстремните ударни сили кои се случуваат при статичките методи.
На секое сидриште, можете покрај гуртната, да се поврзете и на уште една точка – директно со јажето.