- Превземено од списанието Climbing со дозвола од редакцијата

 

 

 

 

 

Дома
Совети...

Со чист ум

-текст од Tопер Донахју, илустрации од Мајк Клеланд

Зошто понекогаш се чувствувам многу сигурно многу високо над слабо поставени точки за обезбедување – стотина метри над земјата, а друг пат почнувам да чувствувам мачнина во стомакот во моменти кога сум само неколку сантиметри над совршено безбедна точка за обезбедување? Зошто понекогаш почнувам да се тресам на некој „топ-роуп“, а друг пат пак сум многу смирен на некој експониран гребен 3-4 метри над последната точка за обезбедување? Приметувајќи ги овие големи промени во мојот качувачки капацитет – открив неколку работи кои ми помагаат да бидам во што поидеална свест при моите водења.

Свесност за моментот – Веројатно најважна работа за да се има таква солидна качувачка свест и одличен начин како да се избегнат многу опасни средби со гравитацијата е да се биде постојано свесен за моментите на ризик. Таквата свесност значи на пример да се поставува првата точка за обезбедување многу брзо над земјата или веднаш после повисоките сидришта (во моменти кои значат спречување на опасен пад)  – дури и кога се работи за лесна насока. Во други моменти пак принудете се да бидете смели во правењете силни потези кога падот би бил чист, качувањето е тешко, а точките за обезбедување – совршени. Ако често качувајќи некоја средно тешка насока се чувствувате удобно и покрај минималното обезбедување, а потоа се тресете покрај совршено силно обезбедување во тешка насока – тогаш дефинитивно не сте во хармонија со ризикот кој го превземате.
Пред да почнете да качувате направете проценка колку насоката која сакате да ја качувате е опасна и тешка и потоа дејствувајте според таа проценка. Ако за некоја насока се знае дека е безбедна, а вие ја чувствувате опасна – можеби правите некоја грешка. Можеби сте излегле од вистинската линија или поставувате лоши точки, а постојат места за многу побезбедни поставувања... Ако некоја должина која објективно е опасна, за вас е преопасна – тогаш веројатно е и така. Најдобар избор во такви моменти е чесно повлекување.

Летајте – Вежбањето на падови не само што го подготвува вашиот ум за полесно прифаќање на таа реалност, туку го подготвува и телото како да реагира во ситуации на „непланирани“ полетувања. Ако понекогаш после долг период на не качување се чувствувам „зарѓано“ или сум имал долг период без да имам доживеано пад, често намерно паѓам. Секако – на безбедно место, со најмалку 15-тина метри долго јаже за да имам „мек“ пад и со дополнително обезбедување.

Симнете се – симнувајќи се надолу – Постојат многу места каде падот би бил опасен, па на локалитетот на кој најчесто качувате принудете се да се симнувате надолу по насоката присетувајќи се на потезите кои сте ги направиле качувајќи нагоре – наместо да висите на клинот или чокот. Симнувањето на добро обезбедени насоки е одличен тренинг за вашиот ум да биде комфорен кога влегувате и треба да излезете од тешки детали. Добрите качувачи најчесто можат да се симнуваат по насока полесна за барем една оцена од тежината на насоките кои можат слободно да ги водат и многумина симнувањето по насоките го прават како дел од загревањето.

Наполни одново и тргни – Доволно тешко е и само да се направи некое силно чисто качување и при силна мотивација. Ако сте таму само „затоа што би требало да сте таму“ или поради тоа што „тоа ви е следно на списокот“ или имате било која друга причина на страна од фактот дека едноставно сакате да го направите тоа качување – тогаш најверојатно со таков мотив нема да имате добро искуство. Често понекогаш само треба да се симнете долу и да се релаксирате неколку минути за да ви се врати вистинската мотивација. Сум имал случаи кога сум им препуштал на моите партнери да водат одреден дел или пак тие го правеле истото – за да имаме време да се „освежиме“. Ако не дозволите гордоста да ви застане на патот – ќе бидете горди по искачувањето...

Copyright © Alpinizam.org