Share

XI Банско Филм Фест

-30.11.2011г, Игор Т..

Среда, 23.11.’11
„Работно“ во првиот ден. Со презентацијата „Качувачки локалитети во Р. Македонија“ ми беше чест да бидам дел од програмата на овој голем фестивал. Исто така бев среќен и што ја имав можноста да ги потсетам нашите колеги и пријатели, присутни во публиката, преку неколку фотографии од нашите локалитети, за можностите за авантури кај нас и со тоа да ги поканам на почесто дружење, разменување на искуства, планирање на заеднички акции...

Од овој ден би ја издвоил и прекрасната презентација на бугарските спелеолози кои претставија моменти од нивните последни истражувања во пештерите на Маја Арапит во Албанија. Тие се присутни во континуитет 20-тина години во планините во оваа земја и публиката можеше да слушне за нивната организација, начин на работа и подготовки, но исто така и да се видат многу фотографии и по некое видео. За мене многу интересни беа фотографиите од планините и очигледните можности за нови насоки на големи карпи. Пред неколку години со Весна сакавме да заминеме на истражувачка акција таму и да бараме неискачени планини и/или страни од планини, но до тоа не дојде. Оваа презентација повторно ме инспирираше за такви размислувања за следната година...

Четврток, 24.11.’11
Од овој ден најголем впечаток ни оставија францускиот филм „Килиан“ и германскиот „Невреме над Монт Блан“. Првиот беше посветен на дел од силните проекти на младиот планински тркач Килиан Хорнет, кој се обидуваше да претрча некои неколкудневни трекинг тури за време од неколку часа и сето тоа претставено преку многу убави снимки од хеликоптер на планинските предели низ кои тој поминуваше, а вториот споменат филм беше еден од првите планински филмови во светот – снимен во 1930-тата година од режисерот Арнолд Фанк. Тоа беше многу убава приказна – работа во планините, љубов, трагедија, невреме, спасителни акции, скијање, прекрасни сцени, музика...

Дента гледавме и неколку други филмови меѓу кои: четвртиот дел од серијата „Глобален фокус“ (серијата прикажува различни еколошки проекти во различни земји во светот, истакнувајќи ја при тоа моќта на поединецот и силата со која чистотата и основната потреба на тие проекти ја привлекува потесната и пошироката заедница), иранскиот филм „Коул Фарах“ (за животот на еден човек кој целосно е предаден на зачувувањето на археолошкото богатство пронајдено покрај планинското село Коул Фарах), полскиот филм „Помошта доаѓа од небото“ (за историјата на спасувачките акции со хеликоптер во Татрите), австралискиот филм „Сер Едмунд Хилари - преку Еверест“ (за акциите кои Хилари ги покренува за помош на локалното население во Непал градејќи училишта, болници...).

Вечерта првата презентација беше таа на Матијас Фанк. Тој е внук на германскиот режисер Арнолд Фанк, чиј филм „Невреме над Монт Блан“ го споменав погоре. Арнолд е татко на планинскиот филм и тој го има снимено својот прв филм во 1919 година. Матијас имаше многу убава презентација за работата на неговиот дедо и претстави неколку интересни моменти од правењето на планински филмови од тој период. Многу интересно!

Следната презентација беше на тема археоастрономија и ја водеа доц. д-р Пенка Маглова и д-р Алексеј Стоев. Тоа беше продолжување на минатогодишната презентација и беше интересно – беа претставени неколку откриени антички опсерватории, начинот на нивно работење, определување на старост и слично. Интересно и мистично :)

Последната презентација беше од Фабијан Брусон од Франција. Тој е планински тркач и организатор и учесник на ултра трки во Хималаите, Африка, поларните предели... Со Фабијан имав можност подобро да се запознаам (следниот ден отидовме заедно со неговата жена и неговата ќерка на планинарска тура до Вихрен (2914м)) и имаше посебен сјај во очите кога зборуваше за турите кога трчал неколку стотина километри во тие предели, носејќи сé со себе во ранец...

Петок, 25.11.’11
Вихрен! Добро е што се случи, затоа што следниот ден поминав 12 часа гледајќи филмови и презентации... Секако дека уживав, но имав потреба од такво претходно полнење на батерии. А и добро друштво: Весна, Зарапчиев, Елена, Французи... :)

Тој ден не видовме ниту еден филм, но бевме на дел од презентациите вечерта:

Тамоцу Накамура (77) е јапонски алпинист, истражувач и веројатно најголем познавач на планините во Тибет, каде учествувал во преку 30 експедиции. Публиката имаше можност да види дел од овие фантастични планини (голем број од нив неискачени - за време на презентацијата тој спомна бројка од околу 270 неискачени планини високи преку 6000м), да слушне разни моменти околу неговото работење таму и беше секако инспиративно да се слушне како некои од тие планини тој ги искачил пред една или две години и како некои од нив пак планира да ги искачи во следниот период.

За овие планини тој најави книга во 4 тома на англиски јазик и тоа знаејќи ја неговата работа како уредник на Јапонскиот алпинистички журнал, секако ќе биде големо богатство...

По него презентација имаше Сандро Филипини, заменик уредник на италијанското списание „Ла Газета дело Спорт“. Преку фотографии и видео тој ја покажа првата заедничка средба на големите Рикардо Касин, Валтер Бонати и Рајнолд Меснер, за време на прославувањето на 100-годишниот роденден на Касин.

Сабота, 26.11.’11
Со сигурност најбогатиот ден. Публиката можеше да ужива во неколку многу добри филмови посветени на најразлични начини на живеење со планините и одлични презентации. Некои од филмовите: „Надвор од сенката“ (скијање: еден час одлични фрирајдинг сцени), „Дива вода“ (кајак во диви води: еден од најдобрите филмови на фестивалот со многу убава приказна за љубовта на една група кајакари кон овие авантури. Многу добри сцени!), „Гравитацијата никогаш не спие“ (параглајдерство: приказната следеше една група параглајдеристи и нивните летови низ различни земји и планини во светот), „Повисоко, повисоко, повисоко“ (планинско трчање: филм на Фабијан за трката „Everest sky race” во која се поминуваат 200км, се искачуваат 11000 метри, се поминуваат височини над 5500мнв...), „Пророкот“ (качување: филм за насоката „Пророкот“ на Ел Капитен, која е 10-годишен проект на Лио Холдинг), „Валтер и Рајнолд – како станавме браќа“ (филм во кој се прикажува разговор помеѓу двете легенди во светскиот алпинизам: Рајнолд Меснер и Валтер Бонати – за иднината на алпинизмот)...

Вечерта најпрво беа објавени наградените филмови на овогодинешниот фестивал (можете да ги прочитате добитниците најдолу во текстот), а се продолжи со презентации.

Прв почна проф. д-р Пјотр Пустелник (полски алпинист кој се има искачено на сите 14 планини повисоки од 8000м), а по него следуваше италијанскиот алпинист Ермано Салватера (вљубеник во Патагонија и беше прекрасно да се слушне лично од него дел од приказната за Серо Торе – за минатото и неговите искачувања) и тој на идниот Планински музеј во Банско му подари клин и јаже кои ги пронашол на Серо Торе и кои биле од искачувањата во 1950-тите години.

Втората половина од презентациите ја започна проф. д-р Волфганг Наирц (австриски алпинист, водач на десетици експедиции во Хималаите од кои најпозната е таа во 1978-мата кога Меснер и Хабелер се искачуваат на Еверест без употреба на дополнителен кислород), а по него следуваа бугарските алпинисти Дојчин Бојанов и Михаил Михаилов кои низ фотографии нé однесоа во долината Кхане во Пакистан, каде ова лето заедно со Николај Петков беа во истражувачка мисија – регистрирајќи неискачени планини и безброј можности за фантастични нови насоки во нив... Оваа презентација, заедно со тие на Тамоцу за планините во Тибет и за можностите на планините во Албанија - ми беа многу инспиративни. Такви истражувачки планови со Весна имаме веќе најмалку две години и мислам дека класичниот алпинизам својата иднина ја има токму таму - во неискачените планини и/или страни на нив и овие истражувања се нешто кон што треба почесто да се стремиме. Албанија ни е барем блиску :)

Недела, 27.11.'11
Ова беше последен ден од овогодинешниот фестивал и подготвувајќи се за враќање во Македонија, видовме „само“ два филма. Тоа „само“ е во наводници бидејќи беа многу добри. „Смртоносен прав“ е бугарски филм за двајца скијачи кои во 2010г. при спуштање од Мусала се зафатени од лавина и при тоа едниот од нив бил затрупан 2 метра под снегот. Филмот ја прикажува брзата интервенција на вториот човек и случувањата околу успешното спасување на неговиот партнер.

По него следуваше прекрасен филм посветен на полскиот алпинист Јержи Кукучка, насловен едноставно - „Кукучка“. Во филмот, зборувајќи за него, но и за минатото и иднината на алпинизмот се појавуваат неговата сопруга Целина и синот Војчех, алпинистите Р. Меснер, Курт Димбергер, Кшиштоф Виелицки... По филмот пред публиката се обратија и Петар Атанасов (претседател на здружението „Меѓународен фестивал на планински филм“ од Бугарија и одличен познавач на историјата на светскиот алпинизам) и Јануш Мајер (полски алпинист и водач на многу силни полски хималајски експедиции во 1970-тите и 1980-тите).

Филмот и оваа презентација дополнително ме инспирираа да почнам сериозно да работам на заокружување на проектот за објавување на книгата на Петар Атанасов за Кукучка „Ти не си втор, ти си голем – биографија на Јежи Кукучка“, која веќе е преведена на македонски јазик и едноставно треба да се сподели.

И така помина уште еден одличен БанскоФилмФест! Можам да зборувам само со суперлативи, но и да изразам жалење што не видов повеќе луѓе од Македонија на проекциите и презентациите. Се надевам дека и следната година ќе се случи „Ехо од Банско“ во Скопје, па да споделиме барем трошка од овие случувања.

Наградите:

1.Гран при за филмот „Прв на Еверест“ на Гералд Салмина (Австрија).
2. Специјална награда на жирито за сериите „По стапките на Џингис Кан“ на Мајкл Дилон (Австралија).
3. Награда за бугарски филм: „Сонувам старци“ на Адела Пеева.
4. Награда на Општина Банско за  филм за посебна вредност која ја претставува културата на планинските луѓе: „Мбамбу и планините на Месечината“ на Луциан и Наташа Мунтеан (Србија).
5. Награда за целосна реализација во екстремни услови за филмот „Железната дупка“ на Павол Барабаш (Словачка).
6. Награда од Унијата на туристички бизнис во Банско за филм за планински спорт, истражување и авантура за филмот „Пророкот“ на Алистер Ли (Британија).
7. Специјална награда за бугарска продукција во име на Герасим Величков – Џери за филмот „Смртоносен прав “ на Георги Михајлов.

Copyright © Alpinizam.org