Јуреј
-14.01.2012г, Игор Т.
Паркот со мраз во близината на градот Јуреј во сојузната држава Колорадо во САД е еден од најдобрите локалитети за качување на мраз во светот. Во него има повеќе од 200 насоки на мраз и микс насоки, од кои најголем број од нив се на само 15-тина минути пешачење од влезот на паркот. Паркот и неговата инфраструктура се во сопственост и се менаџирани од Градот Јуреј, невладиното здружение „Паркот со мраз Јуреј“ и неколку приватни и јавни сопственици на земјишта. И покрај големиот трошок за негово одржување, тој сепак е со бесплатен влез и е отворен за јавноста и во неговото скоро 20-годишно постоење со капацитетот кој го поседува стана еден од најдобрите локалитети за качување на мраз.
Јуреј и околниот планински масив на Сан Хуан имаат најголема концентрација на воден мраз во Северна Америка. Тоа го овозможуваат длабоките кањони, а пристапот до нив е неверојатно лесен со постоењето на патишта во планините кои имаат богата рударска историја.
Првите искачувања на некои од класичните природни мразеви овде се направени во 1970-тите години, а во 1991-ва година Бил Вит и Гери Вајлд го поставија првиот систем од пластична цевка и прскалка преку кои со течењето на водата низ нив се создаде дополнителен мраз за качување. Во 1997-ма година беше оформено гореспоменатото невладино здружение, кое е со цел да го организира Паркот и до денес тие успеваат да ја финансираат и одржуваат инфраструктурата во паркот кој се протега во повеќе од 1,5 километар во кањоните. Системот за носење на вода преку цевките работи по принцип на гравитација и без употреба на пумпи за вода и други мотори. До денес, искористени се цевки со вкупна должина од повеќе од 22 километри заедно со кои во системот се користат и преку 150 прскалки од кои по страните на кањонот навечер се пуштаат повеќе од 550000 литри вода...
Покрај донациите кои доаѓаат од спонзори, најголем дел од финансиите за одржување на оваа инфраструктура се обезбедуваат од фестивалот кој овде се организира секоја година во средината на јануари: „Фестивалот на мраз во Јуреј“. Првиот фестивал е организиран во 1996-та година од страна на Џеф Лоу, а во 2001-ва година организацијата ја превзема здружението. За време на 4-те дена колку што трае овој настан, се организираат преку 100 активности: натпревари во качување, презентации на опрема од најпознатите производители во оваа област, презентации од страна на некои од најдобрите качувачи, аукции, училиште за качување на мраз за деца... Фестивалот секој година го посетуваат преку 3000 посетители, а рекордна посетеност имал во 2005-та година – 5000 посетители.
Повеќе инфо на порталот на паркот:
 |