|
Локалитети во Ерменија
Прв отворен фестивал за првенствени искачувања - „Арев“ во Ерменија, 1ви до 31-ви Јули 2009 год.
Клубот „Up The Rocks" организира собир на качувачи од сите страни на светот кои сакаат да се запознаат со локалитетите за качување на карпа во Ерменија. Во текот на целиот месец Јули оваа година, овој клуб организира посета на неколку поголеми локалитети со базалтни и варовнички карпи - за сите качувачи кои сакаат да искачат нови насоки во оваа земја. Многу од овие локалитети воопшто немаат искачувања на нив, а според фотографиите се работи за прекрасни места кои вреди да се посетат. Еве инфо за дел од локалитетите кои организирано ќе се посетуваат, подолу има и по некоја фотка, а лево од текстов има линк до „Up The Rocks" за повеќе корисни информации. Кој нема планови за ова лето - ова е секако интересно...
Нораванк е манастир од 13-тиот век лоциран на 112 километри од Ереван во кањонот на реката Даричај покрај селото Арени. Кањонот е познат по своите варовнички карпи кои се издигнуваат до 200 метри во вертикала. Карпите се простираат 1 километар во должина и до Март 2009 година ниту еден качувач се нема искачено по нив...

Планинскиот масив Ијеван се наоѓа на околу 140 километри северо-источно од Ереван, има должина од 20 километри – со највисок врв Ијеван 2500 мнв. Варовничките карпи во овој масив се издигнуваат во висина од 70 до 300 метри во вертикала и се со должина од 10 километри. Исто така и на овие карпи до сега не се направени искачувања...

Селото Гарни се наоѓа на 29 километри југоисточно од Ереван и во негова близина се наоѓаат базалтни карпи кои се издигнуваат 20 до 100 метри во вертикала. Единствена документирана насока е таа на Џо Морган искачена во 2007 година – “Фамилијата на Маргарита“ со висина од 35 метри. Карпите се прогласени за природен споменик и не е дозволена употреба на клинови од било каков тип, така што овој локалитет е предизвик единствено за тие кои сакаат да качуваат во чист стил...

Планината Куступ се наоѓа во југоисточниот дел на Ерменија на околу 10 километри од градот Капан. Северо-источната страна на оваа планина ја карактеризираат варовнички карпи кои се издигнуваат 400-500 метри во вертикала. Овде се искачени само три насоки – од качувачи кои се дел од спасителната служба „Спитак“ и нивните технички тежини се 5.6/5.8. Во нив не се поставени фиксни точки за обезбедување.

За повеќе информации околу фестивалот и неговата организација посетете го нивниот сајт: www.uptherocks.com
|