Техника на качување

- 20.01.2010г.

Извадоци од книгата „Техника пењања“ од Марјан Кершич – Белач. Оригиналот на словенечки е издаден во 1950-та година, а преводот на српски во 1959-та година.

Интересна слика на тогашните размислувања и техники. Некои од нив од разни причини (оправдани и неоправдани) не можат да се најдат во денешните вакви книги што го прави пристапот дополнително интересен. Еве мал дел од нив:

Зошто?
„На планина одиме затоа што е убаво. Убаво е и кога има сонце и кога има невреме. Убаво е на зазеленети места и на страшни заснежени или замрзнати места... А најубаво е кога планините од нас не бараат само убави чувства туку и големи дела – кои го збогатуваат нашиот духовен живот...“

„Планината е огледало кое на секој од нас ни ја покажува бедата или внатрешното богатство... Тој кој ги сака планините, ќе остане врзан за нив засекогаш и ако во нив ја бара убавината и човековото совршенство во својата душа – никогаш нема да може да се одвои од нив...“

Физички предиспозиции
„...Најидеален е среден раст на алпинист (165-175см), а тежината да се движи од 70-75кг...“

Здраво срце, гради и желудник
„...Секој почетник треба да се грижи за здравјето на белите дробови кога се движи во чист воздух и во такви моменти да не пуши...“
„...Кога сте многу телесно изморени земете шеќер (слатка вода) или храна во која има многу маснотии...“
„...Кој за време на качувањето троши многу течности, нека не заборави да земе со себе алуминиумска матарка со вода или ладно кафе. При качувањето не користете алкохол...“

Полова еднаквост
„Сите квалитети кои мора да ги поседува алпинистот – маж, треба да ги поседува и жената која се одлучила да качува. Таа мора да биде свесна дека е одговорна исто како и секој машки член на наврската. Не смее да заборави дека е физички послаба од мажот и затоа треба да превзема само искачувања за кои е дорасната не само морално, туку и физички. Алпинистичката активност во планините не смее да биде на штета на нејзината женственост и достоинство...“

Шлем?
„На глава алпинистот носи шешир или уште подобро тесна волнена капа која по потреба може да го покрие и ушите. Капата е важна посебно за вториот во наврската кој е изложен на одрони (кои постојано ги предизвикува јажето на кршлив терен) и треба да го штити од повреда. За првиот во наврската е доволно да носи волнен крст каков што носат скијачите...“

За јажето
„Должината на јажињата е различна. За обични искачувања со тежина IV, наврска од двајца качувачи користи јаже со дебелина од 12мм и должина од 30-35 метри. Ако јажето е од најлон или перлон тогаш доволно е тоа да е со дебелина од 10мм и должина од 35 метри...“

“Новите јажиња од коноп не смееме да ги провриваме, затоа што при тоа влакната ја губат својата природна маснотија, а јажето после тоа ќе се расплете и нема да може да се качува со него. Таквите јажиња најдобро е да се протријат со парафин растворен во чист бензин, на што се додава 10% чист бел вазелин. Бензинот ќе испари, јажето ќе остане меко, лесно ќе лизга низ карабинерите и карпата и нема толку брзо да впива вода...“

„Кога заминувате кон планините јажето секогаш ставајте го во ранец, а не носете го на рамо или околу ранец. Секој сериозен алпинист не сака да привлекува внимание на себе на железничката станица – покажувајќи ја опремата пред другите луѓе...“

Ранец?
„...Во поново време некои наврски носат ранец со себе, но само во тие насоки во кои сигурно ќе треба да се „бивакува“ (да се преспива на карпата)...“

Облека
„...Панталоните е важно да се од издржлив волнен материјал, а за сувите летни денови од ребраст сомот...“

Клиновите
„...Служат за обезбедување, а при многу тешки искачувања и како вештачки фаќалишта и стојалишта... Во одредени случаи во комбинација со клинот се користи и дрвен клин кој се заковува во широки пукнатини во кои обичен дебел клин нема да држи сам. Во такви случаи прво го заковуваме дрвениот клин, а меѓу него и карпата – железниот...“

Што друго од опрема за во насока?
„10-15 клинови, 5-8 карабинери по човек, 2-4 замки долги 2-3 метри со дебелина 6-7мм и добро изработено кладиво со издолжена глава која служи за засекување фаќалишта во кршливата карпа...“

„...Квалитетот на алпинистот може лесно да се оцени по грижата за сопствената опрема...“

На сидриште
Се обезбедуваме така што јажето поминува преку рамењата, а не како во класичното врема на алпинизмот – само низ рацете.

Клин на сидриште?
„Самообезбедувањето“ по потреба – кога незгодно сидриште (навалена полица или нестабилно место за стоење) не овозможува доволно сигурна положба за обезбедување (на вториот) тогаш во висина на половината, градите или главата се кова цврст клин за обезбедување на кој се прикопчува карабинер на кој со јажето од половината се врзува воднички чвор.

Фактор на пад?

„...Во тежок терен на карпа каде постои веројатност од пад, тој што качува како прв не смее да дојде повеќе од 4-6 метра над последниот закован клин. Во тој случај тој би паднал 12 метри и тоа е најголема должина на пад која може да ја издржи ново единечно јаже од бел коноп со долго влакно...“

За солирањето
„Соло искачување на насоки потешки од III се смета за неодговорно пред заедницата...“

За почетниците
„Кога почетникот добро ќе го совлада слободното качување, постепено го носиме на лесни, но не премногу високи карпи. Треба прво да оди како втор во наврската, а водичот треба постојано да го прашува каде би избирал тој да оди сам и како би ги бирал правецот на движење кога би бил прв во наврската... Кога почетникот ќе помине одредена насока како втор без потешкотии и грешки, ќе треба да ја повтори како прв во наврската со истиот водич... При тоа и насоката ќе треба сам да ја бара... Насоката ќе треба да ја проучи од долината, да ги праша алпинистите и водичите за влезот и излезот од насоката и најмаркантните делови во неа. Со таков метод ќе изградиме кај младите луѓе желба за креирање во алпинизмот и од самиот почеток ќе ги одвикнеме од повторувања т.е. ќе изградиме самостојност кај нив...“

„...За правилен развој важно е почетникот во слободното качување најпрво да стекне самодоверба, а не да се потпира на густо заковани клинови или затегнато јаже...“

Забелешка:

Целта не ми беше да покажам „застарени“ идеи и да им се потсмевам. Далеку од тоа! Ова е само многу мал избор на извадоци од книга која има 130-тина страни на кои преку текст и цртежи авторот ги објаснува основите на техниката за качување во своето време. Но, во книгата има и многу практични работи кои можат да се користат и со денешната опрема и треба да се знаат. Во најмала рака поради тоа што со минимум опрема се претставуваат основи – качување, обезбедување, абзелување... Извадоците ги споделувам со радост – ја чувствувам книгата како богатство и ја препорачувам на секој сериозен алпинист :)

Благодарност до Христо Белакапоски кој ја сподели со мене!

А еве да се потсетиме и на видеото со Емилио Комичи кое е на иста тема - техники на качување „во тоа време“...

 

- Игор Т.

 

Copyright © Alpinizam.org