|
Декларација за етика во планините
УИАА на своето Генерално Собрание одржано на 10-ти Октомври 2009 година ја изгласа и одобри Декларацијата за етика во планините, а ја објави на 11-ти Декември – Меѓународниот ден на планината.
1.Индивидуална одговорност
Планинарите и алпинистите ги практикуваат своите активности таму каде постои ризик од незгода и таму каде можеби не постои можност за помош од страна. Имајќи го ова на ум, тие ја практикуваат својата активност на своја одговорност и самите се одговорни за својата безбедност. Активностите на поединците не смее да ги ставаат во опасност останатите околу нив или да и наштетуваат на околината. Како на пример – поставувањето на фиксни сидришта на нови или стари насоки, не треба да се земе како прифатливо по автоматизам.
2.Тимски дух
Членовите на тимот треба да бидат подготвени за компромис со цел да се има рамнотежа помеѓу потребите и способностите на целата група. Искачувањето ќе биде најуспешно тогаш кога членовите ќе се подржуваат и охрабруваат еден со друг.
3.Алпинистичката и планинарската заедница
Секој поединец кој го сретнуваме во планината или на карпата заслужува подеднаква почит. Дури и во најоддалечените места и во најстресните ситуации – секогаш треба да се однесуваме кон другите така како ние сакаме другите да се однесуваат кон нас.
4.Посетувајќи други земји
Кога сме гости во некоја земја секогаш треба да се однесуваме културно и воздржано. Треба да се грижиме за локалното население и нивната култура – тие се наши домаќини. Треба да ја почитуваме локалната качувачка етика и стил и никогаш не треба да бушиме дупки и да поставуваме експанзиони клинови таму каде традиционално етиката не го дозволува тоа или и таму каде и не востановена некаква етика. Ќе ги почитуваме светите планини и другите свети места и секогаш ќе гледаме да најдеме начин како да помогнеме на локалната економија и население. Разбирањето за другите култури е дел од целосното качувачко искуство.
5.Одговорност на планинските водичи и други водачи
Професионалните планински водичи, други водачи и членови на групите кои тие ги водат, треба да ги разбираат своите улоги и да ја почитуваат слободата и правата на другите групи и индивидуи. Во оваа декларација ги признаваме високите стандарди на работење постигнати од планинските водичи преку нивната професионална организација.
6.Итни случаи, умирање и смрт
Мораме да бидеме подготвени за итни случаи во кои има сериозни повреди и смрт. Сите учесници во планинските спортови треба јасно да ги разбираат ризиците и опасностите и да имаат соодветно знаење, искуство и опрема. Тие треба да бидат подготвени да им помогнат на другите во случај на незгода и да бидат подготвени да се соочат со трагедија. Се надеваме дека посебно комерцијалните оператори ќе ги предупредуваат своите клиенти, дека постојат ситуации поради кои тие ќе треба да ја прекинат својата цел - со цел да се помогне на други на кои ќе им е потребна помош.
7.Пристап и грижа
Веруваме дека слободата на пристап до планините и карпите во одговорен манир – е основно право. Секогаш треба да ги практикуваме нашите активности со грижа за околината и да бидеме активни во нејзиното зачувување. Секогаш треба да ги почитуваме ограничувањата за пристап до средини каде тоа е забрането од соодветни организации за заштита на средината или соодветни владини институции.
8.Стил
Квалитетот на искуството и начинот на кој ги решаваме проблемите е многу поважен од успехот. Секогаш треба да се стремиме кон тоа да не оставаме никаква трага на карпата или во планините.
9.Нови насоки
Новите насоки на карпите и планините се креативни дела. Тие треба да бидат направени во манир кој е ист или подобар на стилот и традициите во регионот. Начинот на кој сме го направиле тоа искачување треба да биде претставен точно.
10.Спонзорства, рекламирање и односи со јавноста
Соработката помеѓу спонзорите и планинарите или алпинистите треба да биде професионален однос кој ќе им служи на најдобрите интереси на планинските спортови. Активната едукација и информирањето на медиумите и јавноста е одговорност на планинската спортска заедница.
11.Употребата на дополнителен кислород во планините
Долго време се дебатира за употребата на дополнителен кислород во високите планини. Во овие дебати се споменуваат најразлични пристапи – како на пример здравјето и етиката. Здравјето треба да е најважно за сите планинари и алпинисти. Етичкиот пристап најдобро е да биде оставен на поединецот – со тоа што ако тој се реши да употребува дополнителен кислород, треба да направи план како да се симнат боците од планината.
12.Комерцијалните експедиции во високите планини
Се надеваме дека комерцијалните оператори, а посебно тиа кои немаат соодветни квалификации, кога се качуваат на планини повисоки од 8000м или слични, ќе ги согледаат ограничувањата на клиентите за кои треба да се грижат. Сите напори треба да бидат насочени кон тоа клиентите да бидат згрижени и исто така да бидат предупредени дека може ќе постојат ситуации поради кои тие ќе треба да ја прекинат својата цел - со цел да се помогне на други на кои ќе им е потребна помош.
|